„Тежок удар за светската економија“-Урсула фон дер Лајен го критикува новиот пакет царини на Трамп
03/04/2025 8:41
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во видео обраќање го критикуваше новиот пакет царини воведен од американскиот претседател Доналд Трамп, истакнувајќи дека тие претставуваат „тежок удар“ за светската економија.
Фон дер Лајен изјави дека Европската унија веќе ги финализирала првите одговорни мерки во реакција на воведените царини за челик. Таа додаде дека се подготвуваат и нови мерки за заштита на интересите на Европската унија и нејзините компании, доколку преговорите со САД не доведат до позитивни резултати.
„Царините ќе имаат огромни последици и ќе доведат до глобална економска нестабилност, зголемување на инфлацијата и пораст на протекционизмот. Сите ќе страдаат“, предупреди фон дер Лајен во Самарканд, Узбекистан, каде што присуствува на самитот за партнерство меѓу ЕУ и Централна Азија.
Таа нагласи дека милиони граѓани ќе се соочат со повисоки цени за храна, лекови и транспорт, додека компаниите, особено малите и средни, ќе бидат погодени од нарушените синџири на снабдување и зголемената бирократија.
„Трошоците за бизнис со САД ќе се зголемат, а во овој хаос нема јасен пат кон стабилност“, додаде таа.
Фон дер Лајен истакна дека Европа ќе застане зад сите кои се директно погодени од овие мерки. „Ако нападнете еден од нас, нападате цела Европа“, порача таа, потврдувајќи дека ЕУ ќе продолжи да се бори за фер трговија заснована на правила.
САД, под водство на Трамп, воведоа минимална царина од 10% за повеќето увозни стоки, а за производите од Европската унија ја зголемија царината на 20%. Овие мерки ги продлабочуваат глобалните трговски конфликти, со потенцијални последици по инфлацијата и економскиот раст.



![Трамп за инцидентот со авионот на Фон дер Лајен: Барем не го користеше мобилниот телефон, тоа е добро понекогаш tramp[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/08/tramp1.jpg)
