Од денес трговците се обврзани јавно да ги објавуваат цените на своите веб-страници
18/04/2025 10:08
Сите трговци од денеска се должни да ги објавуваат продажните цени на производите што ги нудат на своите официјални веб-страници, информира Министерството за економија. Новата обврска произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачи, објавени во Службен весник на 4 март, а детално е регулирана со Правилникот за објавување цени.
Според правилникот, мали, средни и големи трговци кои вршат малопродажба, секојдневно до 10 часот треба да ги ажурираат цените на посебен дел од веб-страницата наменет за ценовници. Цените мора да бидат јавно достапни, без потреба од регистрација или логирање.
При промотивни понуди или попусти, трговците се обврзани да ја прикажат редовната цена, процентот или износот на намалувањето, како и периодот на важност на попустот.
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, истакна дека новите правила имаат за цел да обезбедат транспарентност, фер конкуренција и стабилизирање на цените.
– Од денес секој трговец мора да ги објавува актуелните цени на производите онлајн. Ова е значаен чекор кон подобра заштита на потрошувачите и зголемена пазарна дисциплина – изјави министерот на прес-конференција.
Здружението на приватни аптеки побара исклучок од обврската, со образложение дека аптеките не се класични трговски субјекти, туку здравствени установи.
– Нашата улога е пред сè здравствена, а не трговска – изјави Билјана Божиновска, член на Извршниот одбор на здружението.
Слична регулатива веќе е воведена и во земји како Хрватска.






