Завршува мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи
30/04/2025 9:18
Од денес престанува да важи владината мерка за ограничување на маржите и цените на основните прехранбени производи, која беше воведена пред верските празници со цел стабилизирање на пазарот.
Според Министерството за економија, во наредниот период ќе се спроведат анализи на ценовните движења. Доколку се утврдат злоупотреби или нагли поскапувања, се најавуваат нови, построги мерки за заштита на потрошувачите.
Министерот за економија, Бесар Дурмиши, изјави дека ефектите од мерката – која го ограничи профитот на трговците до 10% – биле позитивни, со забележливо намалување на инфлацијата и цените на храната и пијалаците.
Тој потенцираше дека, доколку повторно се појават ценовни шокови, ќе следи проширување на мерките и воведување на повисоки ограничувања на маржите, на речиси сите производи.
Мерката, која беше на сила од 20 март, опфати 102 групи производи и утврди максимални цени за осум категории основни артикли.
Со последните измени во Законот за заштита на потрошувачите, маркетите добија обврска секојдневно да ги објавуваат своите цени на веб-страниците, со цел зголемена транспарентност и заштита на купувачите.



![Од денес трговците се обврзани јавно да ги објавуваат цените на своите веб-страници supermarket[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/supermarket1.jpg)


