MKinformer

your daily dose of news

Парламентарни избори во Албанија

11/05/2025 11:06

Денес во Албанија се одржуваат 11-тите парламентарни избори по падот на комунизмот. Право на глас имаат над 3,7 милиони граѓани, од кои над 114 илјади гласаат првпат. Забележително е што бројот на гласачи е значително поголем од бројот на жители, кој според пописот е околу 2,4 милиони. Овие избори се први на кои може да гласа и албанската дијаспора – право што ќе го искористат околу 246 илјади лица, а земјата вложи 10 милиони евра за тоа. До вчера пристигнале 80% од гласовите на дијаспората, кои ќе се бројат во Спортската палата „Фети Борова“ во Тирана.

Ќе се изберат 140 пратеници, од кои 92 се од затворени листи (половина за Социјалистичката и половина за Демократската партија), а 48 од отворени листи, каде се натпреваруваат 2046 кандидати од 11 партии и коалиции. Гласањето се одвива на 5.225 избирачки места во 12 изборни единици, обезбедени од полицијата. Изборите ги следат набљудувачи од ОБСЕ/ОДИХР, Советот на Европа и Европскиот парламент.

Ова се првите избори откако Албанија започна преговори за членство во ЕУ во 2022 година. Владејачката Социјалистичка партија, предводена од Еди Рама, се бори за четврти мандат, а коалицира само со Македонската алијанса за европска интеграција. Од друга страна, опозициската коалиција предводена од Сали Бериша и Демократската партија има поддршка и од други партии, вклучувајќи ја и Партијата на слободата, чииот лидер Илир Мета, иако е во притвор, се кандидира на отворена листа.

Овие избори се важни за европската перспектива на Албанија, борбата против корупцијата и демократизацијата на земјата. Социјалистите ја почнаа кампањата на 12 април со силна порака за членство во ЕУ до 2030 година, а слоганот им е: „Албанија 2030 во ЕУ со Еди Рама и СП“. Од друга страна, опозицијата ветува подобар стандард, повисоки плати и пензии и запирање на одливот на млади.

Амбасадата на САД и ОБСЕ ги повикаа граѓаните да гласаат слободно и без страв, а и претседателот Бајрам Бегај ги охрабри да го искористат своето демократско право. На последните избори во 2021 година, пратеници добија само четири партии, со доминација на Социјалистичката партија. Овој пат, исходот е во рацете на гласачите, иако и власта и опозицијата очекуваат победа.

error: Содржината е заштитена од копирање !!