Незадоволство од одлуката: Обвинителството реагира на куќниот притвор за обвинетите во „Онкологија“
24/05/2025 13:26
Скопското обвинителство поднесе жалба на одлуката на Основниот кривичен суд Скопје, со која на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, и организацискиот директор, Нехат Нухи, им беше изречена мерка куќен притвор во рамки на случајот „Онкологија“.
Обвинителството смета дека оваа мерка е премногу блага и побара од Апелацискиот суд да ја замени со ефективен притвор, оценувајќи дека само така може да се обезбеди непречено водење на постапката.
„Со оглед на сериозноста на делата што им се ставаат на товар – повеќе тешки кривични дела со високи предвидени казни – како и постоењето ризик од бегство, куќниот притвор не обезбедува доволна заштита“, наведуваат од Обвинителството.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, заедно со јавниот обвинител од ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, и обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, на прес-конференција изјавија дека се поднесени две обвиненија во случајот „Онкологија“. Обвинени се двајцата поранешни директори и четворица онколози. Според обвинителниот акт, 29 пациенти добиле несоодветна, а 16 – непотребна терапија.




