MKinformer

your daily dose of news

Нино Васев по една година притвор ќе се брани од слобода

19/06/2026 9:10

Нино Васев излегува од притвор по една година, гаранција со хипотека на имот

По една година помината во затворот Шутка, поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, наскоро ќе излезе и ќе продолжи да се брани од слобода. Како што дознава МК Информер, судот прифатил гаранција обезбедена со хипотека на имот, што му овозможило на Васев да се ослободи од притвор.

Обвинети за злоупотреби во вредност од два милиона денари

Васев, заедно со поранешниот економски директор Артан Нухи, се товарат за продолжени кривични дела, злоупотреба на службената положба, измама во службата и проневера. Обвинението се однесува на периодот од 2018 до 2022 година и е првото што ги истражува економските злоупотреби на Клиниката за онкологија.

Јавни набавки без правен основ

Според обвинителството, двајцата набавувале биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела по пат на т.н. „реверс набавки“, односно без валиден правен основ. Добавувачите ги фактурирале претходно испорачаните лекови, а потоа, преку официјални јавни набавки, ги покривале веќе преземените обврски.

Фондот за здравство доведен во заблуда

На овој начин, како што стои во обвинението, Фондот за здравствено осигурување бил доведен во заблуда. Фондот одобрувал условен буџет за Клиниката, кој потоа бил користен за исплата на лекови набавени преку нерегуларна постапка.

Фиктивно раздолжување на лекови, пациентите не ги примиле?

Дополнително, обвинителството ги терети Васев и Нухи дека дел од набавените лекови биле фиктивно раздолжувани – односно евидентирани како аплицирани кај пациенти, иако воопшто не биле употребени. На тој начин, според обвинителниот акт, била утврдена разлика меѓу требуваната и раздолжената количина во вредност од околу два милиона денари.

Судската постапка продолжува

Иако Васев излегува од притвор, судската постапка за случајот „Онкологија“ продолжува. Одбраната сега ќе може да ги изнесува своите докази пред судот, додека обвинителството останува при ставот дека се работи за организирана злоупотреба во критичниот сектор за јавното здравје.

error: Содржината е заштитена од копирање !!