ВО ЌЕЛИЈАТА НА ВАСЕВ ПРИНАЈДЕНИ 3 ТЕЛЕФОНИ: Почна судењето за предметот Онкологија 2
12/09/2025 12:40
Во притворската келија на поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Нино Васев пронајдени се 3 мобилни телефони, за кои тој пред Судот изјави дека не се негови.
Судијката Славица Наумовска Јосифовска, пред почетокот на денешното судење за случајот Онкологија 2, против поранешните директори на клиниката, Нино Васев и Нехат Нухи за фиктивни тендери и несовесно економско работење, информираше дека Судот добил известување од КПУ Затвор Скопје дека во ќелијата на Нино Васев се пронајдени и се одземени 3 мобилни телефони.
Обвинетиот Васев рече дека не е одземен негов телефон.
– Сакам да ве известам дека имаше повеќе контроли. Кај мене не е пронајден и не е одземен мој телефон – рече Васев.
Кривичниот суд во јуни годинава го одобри обвинението против поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, медицинскиот директор Нино Васев и организацискиот директор Нехад Нухи, за злоупотреби, измама и проневера во службата од 2018 до 2022 година. Според обвинението, тие незаконски набавувале лекови, ги прикривале преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што го оштетиле буџетот за речиси 36 милиони евра. Васев е обвинет и во друг предмет за несовесно лекување на пациенти на клиниката.
Во обвинителниот акт стои дека кривичното дело Злоупотреба на службената положба обвинетите го извршиле со пречекорување на границите на своето службено овластување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови, постапувајќи спротивно на Законот за здравствената заштита, Закон за здравствено осигурување, Статутот на Клиниката, Законот за буџетите и Законот за јавни набавки. Со овие дејствија тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот на Македонија во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари (речиси 36 милиони евра).






