MKinformer

your daily dose of news

Словенечки вештаци: Документацијата на Онкологија била нецелосна и без конзилијарни одлуки

09/02/2026 13:36

Со сослушување на вешти лица од Словенија, денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судењето против поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија – Скопје, Нино Васев, обвинет за несовесно лекување пациенти заедно со уште двајца онколози.

Вештото лице Маја Радник од Медицинскиот факултет во Марибор, која го изработила медицинското вештачење за Обвинителството, заедно со асистентката Јасмина Јордан, одговараше на прашања за критериумите и протоколите при одредување онколошка терапија, како и за анализата на 51 медицинска документација.

Радник нагласи дека конзилијарното мултидисциплинарно одлучување е златен стандард во онколошкото лекување, но во анализираните случаи само една медицинска документација содржела запис од мултидисциплинарен конзилиум. Таа истакна дека промените на терапијата често не биле соодветно евидентирани, ниту биле наведени причините за тие промени.

Според вештакот, документацијата во голем број случаи била многу нецелосна, без редовна анамнеза, клинички прегледи, податоци за телесна тежина и висина, како и без доволно информации за коморбидитетите на пациентите. Таквата пракса, како што беше посочено, директно ја загрозува безбедноста на пациентите, особено затоа што онколошките лекови се токсични и строго дозирани.

Радник потенцираше дека терапијата мора да биде во согласност со европските и светските протоколи, а секое отстапување мора да биде разгледано на конзилиум и одобрено од Фондот. Агресивна терапија, како што наведе, не се применува кај пациенти со лоша општа здравствена состојба или пред смрт, кога соодветен пристап е палијативната нега.

Одбраната на Васев достави сопствен вешт наод од вештото лице Владимир Даниловски, а постапката се наоѓа во доказна фаза. Судскиот процес го води судијката Снежана Марковска, додека обвинението го застапува јавната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска.

Покрај Васев, обвинети се и онколозите Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски, додека Мери Пешевска призна вина и доби двегодишна условна казна. Лекарите се товарат за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето, а против Васев и поранешен економски директор има и посебно обвинение за злоупотреба и проневера од над 2,2 милијарди денари.

error: Содржината е заштитена од копирање !!