АЛКАЛОИД НА ЧЕКОР ДО ИСТОРИСКА ЕВРОПСКА ТИТУЛА
25/05/2025 10:26
Ракометниот клуб Алкалоид е на само еден натпревар од освојување на првиот европски трофеј во својата историја. Вечерва од 20:30 часот, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, македонскиот тим ќе го одигра реваншот од финалето на ЕХФ Европскиот куп против грчкиот АЕК.
По победата со 29:25 на првиот меч во Атина, избраниците на тренерот Кирил Лазаров влегуваат со солидна предност од четири гола и силна поддршка од домашната публика.
Ако успеат да го задржат водството, Алкалоид ќе стане првиот македонски клуб кој го освоил овој престижен трофеј, а тоа ќе биде и првиот европски пехар за некој македонски клуб по триумфот на Кометал Ѓорче Петров во 2002 година.
Алкалоид имаше тежок пат до финалето, елиминирајќи ги екипите на Драгунас Клаипеда, Вест Виена, Бриксен, Баја Маре и Рунар. Тимот постигна девет победи, едно реми и еден пораз во 11 одиграни европски средби.
Успехот е уште позначаен ако се земе предвид дека составот е претежно млад, со само двајца странски играчи кои немаат клучна улога. Под водство на Лазаров, младите ракометари покажаа зрелост и квалитет низ целата сезона.
Тренерот Лазаров истакнува дека работата на психолошката подготвеност е од суштинско значење: „Со оглед дека никој од играчите нема искуство со вакви натпревари, постојано работиме на менталниот дел.“
И покрај предноста, реваншот против поискусниот тим на АЕК нема да биде лесен. Грчкиот претставник ќе се обиде да направи пресврт, знаејќи дека му е потребна победа со најмалку пет голови разлика за да го освои купот.
Очекувањата се дека салата ќе биде преполна, а македонските навивачи ќе бидат силен ветер во грб на Алкалоид во нивниот обид да испишат нова страница во историјата на клубот.
Натпреварот започнува во 20:30 часот и ќе биде пренесуван во живо.






