Што вели Кочоска за инфлацијата?
04/06/2025 13:44
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска изјави дека решавањето на инфлацијата и прашањето со просечната плата е сложен процес кој бара време. Таа истакна дека институциите активно работат на тие предизвици и нема застој во напорите.
Таа нагласи дека инфлацијата е еден од приоритетите на Народната банка.
– Се соочивме со два клучни предизвици во изминатиот период, кои не можат да се решат преку ноќ. Првиот е поврзан со колективните договори што ги имаат различни институции. Преговорите околу нив се во тек, а ние мораме да ги испочитуваме обврските преземени од претходните влади. Вториот, кој ме загрижува повеќе, е континуираниот раст на просечната плата, што е резултат на недостиг од работна сила. Компаниите во приватниот сектор се соочуваат со сериозни проблеми, па работиме на преквалификација и законски измени, но за сè е потребно време – рече министерката.
Таа додаде дека е важна координацијата со Народната банка:
– Фискалната и монетарната политика мора да бидат усогласени. Денеска имавме прв состанок со гувернерот и се договоривме за почести средби за да обезбедиме заеднички пристап, рече таа.
Во врска со финалната потрошувачка, Димитриеска-Кочоска објасни дека секој автоматски раст на платите од 10% директно влијае и врз зголемување на потрошувачката.
– Повисоки плати и пензии значат и повисока финална потрошувачка – тука нема дилема. Што се однесува до инфлацијата, ќе ги следиме движењата и ќе реагираме координирано, во согласност со монетарната политика и владините мерки, подвлече министерката.






