Кочоска: Нема одлука за пензиски реформи, во Вториот столб ќе се префрлат 19,6 милијарди денари
02/07/2026 16:53
Официјално не е разговарано, ниту е донесена конечна одлука за евентуално спроведување пензиски реформи, иако се размислува во таа насока, изјави денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Таа истакна дека ММФ и Светска банка ќе прават анализи и ќе дадат одредени препораки, но нагласи дека во Вториот пензиски столб ќе се трансферира вкупниот предвиден износ од 19,6 милијарди денари.
ММФ и Светска банка ќе прават анализа
Кочоска информира дека препораките што ќе ги дадат ММФ и Светска банка не значи дека автоматски ќе бидат прифатени од Владата.
„Официјално во Владата не сме разговарале, но постојано има размислувања. Ги анализираме состојбите и врз основа на тоа ќе постапуваме. За 2026 година целиот износ што треба да се трансферира во Вториот столб, од 19,6 милијарди денари, е планиран и предвиден во Буџетот“, рече министерката.
Според неа, ММФ и Светска банка сè уште ги немаат комплетирано анализите за состојбата во државата.
„Сега побараа и ние се согласивме да направат анализа на пензискиот фонд, по што ќе дадат одредени препораки кои не значи дека ќе бидат прифатени од Владата“, додаде Кочоска.
Можно е да биде предложено зголемување на старосната граница
Министерката посочи дека ќе се анализираат првиот и вториот пензиски столб, со цел да се види што се случува во системот и какви препораки ќе бидат дадени.
„Веројатно ќе кажат да ја зголемиме старосната граница за пензионирање, што е очекувано нешто, а дали Владата ќе прифати или не, ќе видиме. Но, да почекаме да ги направат анализите“, рече таа.
Кочоска истакна дека, според одредени податоци на ММФ, најголемиот проблем за пензискиот фонд во иднина ќе биде демографијата.
„Премиерот има одредени размислувања. Сè друго на среден рок ќе се стабилизира, но проблемот со демографијата е сериозен. Ако нема подобрувања, тогаш на подолг рок ќе има сигурно негативни влијанија“, рече министерката.
Кочоска лично не е за зголемување на старосната граница
Во однос на старосната граница за пензионирање, Кочоска рече дека лично смета оти не треба да се зголемува, туку дека треба да се остави простор секој сам да одлучи дали сака да продолжи да работи.
„Во однос на старосната граница, лично сметам дека треба да се остави право на избор, да си останат годините и да се даде можност кој сака да продолжи. Треба да се даде опција на секого да одлучува што ќе прави понатаму“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Со ова, министерката порача дека засега нема конечна владина одлука за пензиски реформи, а идните чекори ќе зависат од анализите и препораките на меѓународните финансиски институции.



![Државата подготвува ново задолжување од странство, реализација не се очекува пред септември iljadi-evra[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/06/iljadi-evra1.jpg)


