Денес е Духовденска задушница
06/06/2025 8:24
Православните верници денес ја одбележуваат Задушница, ден посветен на молитва за покојните, кој се совпаѓа со подготовките за големиот празник Духовден што се слави во недела.
Во духот на сеќавање на своите починати, верниците се собираат во црквите каде се служи парастос – молитва за прошка на гревовите на покојните. Потоа, ги посетуваат гробовите на блиските, палат свеќи, читаат молитви и принесуваат скромни жртви. Македонската православна црква потсетува дека суштината на овој ден не е во изобилството храна, туку во молитвата, а принесувањето треба да се ограничи на варена пченица, вино и леб.
Задушницата што се празнува пред Педесетница е востановена бидејќи со доаѓањето на Светиот Дух се заокружува Божјиот план за спасение, во кој учествуваат и живите и покојните.
На Педесетница, Црквата се моли Светиот Дух – Утешителот – да ја исполни со благодат не само Црквата и живите верници, туку и душите на починатите, кои уште во својот живот се стремеле кон таа светост, бидејќи „секоја душа живее преку Светиот Дух“.
Оние кои не можат да посетат гробишта поради оддалеченост, се охрабруваат да отидат во најблискиот храм и таму да извршат молитвен помен за своите покојни.
Духовден го одбележува слегувањето на Светиот Дух врз апостолите – настан кој светите отци го нарекуваат „Роденден на Црквата“. На десеттиот ден по Вознесението Христово, односно на педесеттиот ден по Воскресението, токму на денот на еврејската Педесетница, Светиот Дух се појавил над апостолите во облик на огнени јазици. Тие биле исполнети со сила и добиле дар да зборуваат на различни јазици.
Овој настан е од исклучително значење за Црквата, бидејќи од тој миг па сѐ до денес, Светиот Дух непрекинато слегува на литургијата, во молитвите и во сето духовно живеење. Тој е причината зошто животот според Христовото учење се нарекува духовен живот.






