АМЕРИКА НАЈАВУВА НОВИ ИМИЊА НА ЦРНАТА ЛИСТА ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН
28/06/2025 9:15
САД најавија дека работат на нова санкциска листа со имиња на поединци и компании од Западен Балкан, како дел од продолжувањето на вонредните мерки што првпат беа воведени во 2001 година. Според најавите од Вашингтон, оваа листа ќе ги опфати високо позиционирани функционери, бизнис субјекти и лица вмешани во коруптивни дејства, воени злосторства или активности што ја нарушуваат стабилноста на регионот.
Американските власти нагласуваат дека целта на оваа иницијатива е зачувување на мирот и поддршка на демократските процеси на Балканот, со посебно внимание кон Македонија, Босна и Херцеговина и Косово. Санкциите, кои ги подготвува Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), ќе предвидуваат замрзнување на имот во САД, забрана за влез во земјата и ограничување на сите финансиски трансакции со американски компании и граѓани.
Со оваа постапка, Вашингтон повторно потврдува дека останува силен сојузник во борбата против корупцијата и радикализмот на Балканот, особено во светло на актуелните геополитички предизвици. Објавувањето на новата листа се очекува наскоро, а според дипломатски извори, меѓу потенцијалните санкционирани лица се вклучени и истакнати политичари од регионот.






