ДИВОГРАДБИТЕ КОИ ГИ ОТКРИ ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА АРСОВСКА ВЛЕГОА ВО ОБВИНИТЕЛСТВО
01/07/2025 7:58
Обвинителствата постапуваат по пријавите поднесени од градоначалничката Данела Арсовска, во врска со изградбата на дивоградби во општина Чаир, за кои се сомнева дека се поддржани со фалсификувана документација.
Од Основното јавно обвинителство за ТВ 24 потврдуваат дека пријавите доставени до Обвинителството за организиран криминал и корупција се примени, заведени и распределени кај надлежен јавен обвинител.
„Предметите се примени, заведени и распределени кај јавен обвинител“, информираат од ОЈО.
Во рамки на истрагата, обвинителството веќе извршило проверки на парцелите за кои Арсовска укажува дека се користени за изградба на дивоградби. Издадена е наредба до Управата за финансиска полиција за прибирање на целокупната документација од Град Скопје и Агенцијата за катастар, поврзана со постапките за легализација.
Дополнително, наредени се проверки и во Министерството за транспорт и врски со цел утврдување на евентуално кривично дело и идентификација на сторителите. Како што информираат од обвинителството, постапката по наредбата е сè уште во тек.
Градоначалничката Арсовска дополнително посочува дека веќе се водат две други постапки против Висар Ганиу. Едната се однесува на фалсификување на архивската книга со броеви и барања за легализација, а другата за незаконска легализација на објект во соработка со уште едно лице.
Меѓу примерите што ги изнесе Арсовска е и случај во кој објект изграден во 2018 година е легализиран со документи од 2011 година. Според неа, „млад бизнисмен“ наводно уште на 11-годишна возраст изградил зграда вредна еден милион евра, која потоа била легализирана со фалсификувани документи.
Преку нејзиниот фејсбук профил, Арсовска предупреди и на потенцијалната опасност за жителите на Чаир, каде, како што вели, се изградени објекти без соодветна документација и безбедносни стандарди, што при посилен земјотрес би можеле да се срушат. Таа објави и фотографии од срушени згради во Драч и Адани, наводно изградени на сличен начин како тие поврзани со Висар Ганиу.






