MKinformer

your daily dose of news

Градежниот сектор во Македонија лани инаксирал една милијарда евра годишен приход

05/07/2025 8:37

Секторот за изградба на станбени и нестанбени објекти (шифра 41) минатата година остварил речиси една милијарда евра приход, односно 61 милијарда денари (992,7 милиони евра). И покрај економските предизвици и нестабилноста, градежништвото останува меѓу највредните сектори, со силен прилив на инвестиции и голема конкуренција меѓу домашни и странски компании.

Топ 10 фирми со една третина од вкупниот приход
Најуспешните десет компании во оваа дејност инкасирале вкупно 329 милиони евра, што претставува околу 33% од секторот. Овој дел од индустријата бележи значителен раст – во 2022 година, овие фирми оствариле 206 милиони евра, што значи пораст од речиси 60% во 2023 година.

Според анализа на „Пари“, базирана на податоци од Бизнис Мрежа, првите пет компании се:

1. Крмзов-МР ДООЕЛ Струмица – 62 милиони евра
Веќе две години по ред, компанијата на притворениот бизнисмен Ристо Крмзов е лидер во приходите. Фирмата бележи раст од 6,7% и доминира на пазарот за станбена изградба. Сепак, компанијата се соочува со сериозни правни проблеми – Крмзов е во притвор, а фирмата има блокирана сметка поради сомневање за измами вредни 94,3 милиони евра.

2. Турмак – 61,1 милион евра
Филијала на турската компанија „Џевахир Холдинг“, која минатата година бележи експлозивен раст од 336%. Во 2022 имала само 14 милиони евра приход. Турмак е позната и по тоа што обезбедува станови за поранешниот претседател Ѓорге Иванов, преку договори за закуп во „Скај сити“.

3. Лимак ДОО Скопје – 36,2 милиони евра
Подружница на турската корпорација „Лимак“, активна во висока градба. Бележи раст од над 23%. Најпозната по проектот Diamond of Skopje, со 772 станови. Компанијата беше во фокус на јавноста поради проблеми со имотни листови, кои беа издадени дури пред крајот на 2024 година.

4. Стентон градба – 28,2 милиони евра
Битолска фирма која бележи раст од 24%, со проекти низ југозападниот дел од државата. Активна е и на јавни тендери и често се поврзува со блискост до СДСМ.

5. Жикол – 27,7 милиони евра
Долгогодишна струмичка градежна компанија, која лани единствена бележи пад на приходите меѓу водечките 10. И покрај тоа, останува еден од големите играчи, особено во сферата на јавни набавки.

Со овие бројки, градежништвото се потврдува како еден од најстабилните и најпрофитабилни сектори во македонската економија, со потенцијал за понатамошен раст, но и предизвици во доменот на транспарентност и правна стабилност.

error: Содржината е заштитена од копирање !!