СТУДЕНТСКИТЕ ДОМОВИ ЌЕ СЕ СРЕДУВААТ СО ГРАНТ ОД ЕУ ВО ВИСИНА ОД 5.5 МИЛИОНИ ЕВРА
08/07/2025 12:34
Министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорот на Германската развојна банка за Југоисточна Европа, Клаус Милер, денеска во Владата ќе потпишат договор за доделување на неповратен грант во висина од 5,5 милиони евра, обезбеден од Европската Унија.
Како што соопшти Министерството за образование и наука (МОН), средствата се дел од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), преку Регионалната програма за енергетска ефикасност (REEP Plus). Грантот ќе биде искористен за енергетска рехабилитација на државните студентски домови низ земјата.
Овие средства ќе го надополнат веќе постоечкиот заем од Германската развојна банка (KfW), кој МОН го користи за модернизација на студентските домови – мерка насочена кон подобрување на условите за сместување и намалување на емисијата на јаглерод диоксид (CO₂).






