ШЕВАЉ ВО БЕГСТВО, ШЕСТ ДУШИ ОД ГРУПАТА „ГРЧЕЦ“ ДОБИЈА НАД 50 ГОДИНИ ЗАТВОР
15/07/2025 15:47
Во Основниот кривичен суд во Скопје денес беше изречена пресуда против дел од криминалната група поврзана со Шеваљ Муареми, кој, според најновите податоци од истражните органи, се наоѓа во Обединетите Арапски Емирати. Против него е распишана меѓународна потерница.
Шест членови на неговата група, позната во јавноста под името Дуќанџик – Грчец, беа прогласени за виновни за трговија со кокаин и убиства извршени по нарачка и одмазда. Двајца добија казни од 14 и 15 години затвор за учество во злосторничко здружение и двојно убиство, а останатите четворица беа осудени на казни од пет и шест години за трговија со дрога.
Судијката Фанка Јанчулова-Михаиловска при објавувањето на пресудата истакна дека групата функционирала координирано, со организирана набавка на дрога од Албанија, а подоцна и од Белгија.
Според обвинението, од јуни 2019 до март 2021 година, Шеваљ Муареми и неидентификувани соработници формирале и управувале со криминална мрежа за шверц и продажба на дрога во Македонија. Биле набавени 14 килограми кокаин од Албанија по цена од 33.000 евра за килограм, со транспорт организиран преку Косово.
Судот посочи дека двојното убиство било дел од поширок план за елиминација на „непожелни“ лица. Доказите, прибрани преку апликацијата „Скај“ со меѓународна правна помош од Франција, покажале дека жртвите биле целно одбрани, а убиството внимателно планирано, вклучително и набавка на пиштол со пригушувач, панцири и специјални светла за возила. Случајот е поврзан со вооружен конфликт меѓу групата Дуќанџик и нивни ривали во хотелот „Александар Палас“.
Муареми и убиениот Орхан Бајрами, познат како Оки, според обвинението, биле вклучени во набавка и продажба на 15 килограми кокаин во 2020 година. Дел од групата се товари и за убиствата на Африм Бериша и Бурим Вардари во Топанско Поле, како одмазда за напад извршен во „Александар Палас“.
Групата, според МВР, брои околу 15 членови, од кои некои се во бегство, а некои убиени. За време на изрекување на пресудата, судот беше под засилено полициско обезбедување.
Зголемена безбедност ќе има и задутре, кога на обвинителна клупа ќе седнат Раде Трајковски – Штекли и припадници на ривалскиот клан Беланоца, со кого групата Дуќанџик е во долготраен конфликт за контрола над скопскиот криминален свет.
Обвинителството води постапки против двете групи – првата се товари за четири убиства, меѓу кои и ликвидацијата на Орхан Бајрамовски – Оки во вила во Ханиоти и двојното убиство во „Шиша бар“, додека втората е обвинета за три убиства, од кои едно е двојно. Двете групи се поврзуваат и со изнуда, палење објекти и возила, при што дел од палежите, според ОЈО ГОКК, биле нарачани од затвор.
Огранокот на Раде Трајковски се занимавал со нелегална трговија со дрога, а во акција на Обвинителството и МВР, дел од дрогата била пронајдена закопана на државно земјиште во близина на градилиште.
Обвинителството цела година прибирало докази за овој случај, а судењето започнува утре.






