Апелација ја отвори расправата за доживотните казни за убиствата на Вања и Панче, се бара и потврда за ослободителната пресуда за таткото
11/05/2026 13:24
Апелацискиот суд во Скопје денеска ја почна јавната расправа по жалбите во случајот со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
На расправата се разгледуваат жалбите за доживотниот затвор на Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски. Тие во првостепената постапка беа осудени за грабнување и свирепи убиства на двете жртви.
Обвинителството, пак, ја оспорува ослободителната пресуда за Александар Ѓорчевски, таткото на Вања. Основниот суд претходно оцени дека нема доволно докази дека тој помогнал во планирањето на грабнувањето на сопствената ќерка.
Обвинителството тврди дека Александар Ѓорчевски имал улога
Обвинителот Дарко Јакимовски во судница ја образложи жалбата. Тој рече дека Александар Ѓорчевски имал вина во грабнувањето.
Како еден од аргументите го посочи тоа што, според обвинителството, дал информации за облеката на Вања. Според Јакимовски, тие детали не ги знаел никој освен најтесното семејство.
Обвинителот оцени дека во првостепената пресуда нема доволна анализа на доказите. Според него, судот не утврдил дали Александар бил или не бил поврзан со кривичните дела.
Јакимовски тврдеше дека Александар имал клучна улога во развојот на настаните. Тој посочи и на неговото однесување по исчезнувањето на Вања, како и на изјави што, според обвинителството, требало дополнително да се ценат.
Одбраната бара потврда на ослободителната пресуда
Бранителот Владимир Туфегџиќ рече дека првостепената пресуда е правилна. Тој побара Апелацискиот суд да ја потврди ослободителната одлука за Александар Ѓорчевски.
Самиот Ѓорчевски кратко се обрати во судницата. Тој рече дека од позицијата во која се наоѓа како заложник нема што да додаде. Потоа ја напушти судницата.
Четворица обвинети веќе добија доживотен затвор
Кривичниот суд Скопје на 25 јуни 2025 година ги осуди Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев на доживотен затвор.
Тие беа осудени за грабнување и свирепо убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
Според обвинението, групата го испланирала грабнувањето на 14-годишната Вања за да изнуди пари од член на нејзиното семејство. Грабнувањето на Панче Жежовски, според пресудата, било извршено за да му го одземат возилото и потоа да го искористат во киднапирањето на Вања.
Обвинетите негираа вина
Во текот на судскиот процес, сите обвинети изјавија дека не се чувствуваат виновни и побараа ослободителна пресуда.
Само Влатко Кешишев изрази каење. Тој рече дека чувствува грижа на совест што бил дел од групата, но тврдеше дека не учествувал во планирањето и извршувањето на убиствата.
Малолетната Вања и Панче Жежовски беа пријавени за исчезнати на 27, односно на 24 ноември 2023 година. Нивните тела беа пронајдени на 3 декември 2023 година во близина на Скопје и Велес.




