MKinformer

your daily dose of news

По 300 километри, приметил дека му ја нема жената

15/07/2025 23:19

Оваа случка, иако звучи како сцена од комедија, е вистинита и се случила на француски автопат. Еден 62-годишен маж од Париз, кој патувал со сопругата и ќерката кон Мароко, ненамерно ја заборавил сопругата на бензинска пумпа – среде ноќ, во 4 часот наутро.

Жената излегла да оди во тоалет, а тој – мислејќи дека сите се во колата – тргнал понатаму. Ќерката спиела, а мажот, иако буден, не забележал дека сопругата не се вратила. Продолжил да вози 300 километри, сè до 8:30 наутро, кога сфатил дека му недостасува сопатничка – некој прилично важен: неговата жена.

Потоа се јавил во полиција, но не можел точно да каже каде ја оставил. Полицијата се вклучила сериозно – ги прегледувале камерите, податоците и сигналите од телефони, и конечно ја пронашле жената како трпеливо чека на бензинската станица Пампро.

Дури и ќерката не забележала дека мајка ѝ ја нема, бидејќи спиела цело време. Сомнежите дека можеби жената била намерно оставена биле разбиени кога мажот веднаш се вратил назад – нови 300 километри – за да ја земе.

На интернет, веста предизвикала бројни коментари – од шеги до неверување. Некои коментирале дека ова биле најмирните 300 километри во неговиот живот, а други се прашувале како човек може да не забележи отсуство на сопругата толку долго.

Интересно е што жената не била лута. Можеби дури ѝ пријал мирот и самотијата покрај апаратот за кафе. А можеби, во момент на освестување, си рекла: „Отсега, јас ќе возам.“

error: Содржината е заштитена од копирање !!