MKinformer

your daily dose of news

ИСТОРИСКИ „ДОГОВОР ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО“ ПОМЕЃУ ГЕРМАНИЈА И ВЕЛИКА БРИТАНИЈА

18/07/2025 14:38

Во лондонскиот музеј „Викторија и Алберт“, германскиот канцелар Фридрих Мерц и британскиот премиер Кир Стармер го потпишаа новиот „Договор за пријателство“, обемен документ од 27 страници, кој има за цел да ги зајакне и продлабочи односите меѓу Германија и Обединетото Кралство. Како што наведува „Дојче веле“, целта на договорот е, во услови на променета геополитичка ситуација, двете земји да ја унапредат својата соработка заради обезбедување подобра иднина за своите граѓани – во духот на просперитет, безбедност и одржливост.

Клучни точки од договорот:

1. Безбедност:
Се потврдува тесната соработка во одбраната, вклучувајќи и клаузула за заемна помош што ќе го надополни НАТО-членот 5. Двете земји се обврзуваат на взаемна поддршка во случај на вооружен напад, што важи и за сајбер-безбедноста.

2. Воена индустрија и вооружување:
Планира се заеднички развој на ракета со дострел над 2.000 км – нешто што досега не постои во Европа. Исто така, ќе соработуваат во развој на дронови, оклопни возила (како „Боксер“), подводна безбедност во Северно Море и ќе се олесни заедничкиот извоз на оружје.

3. Поддршка за Украина:
Германија и Обединетото Кралство се обврзуваат на континуирана помош за Украина, како во одбраната од руската агресија, така и во обновата на земјата.

4. Западен Балкан:
Велика Британија ќе се приклучи на Берлинскиот процес, со цел зајакнување на регионалната соработка и интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ.

5. Миграција и безбедност:
Ќе се формира заеднички акционен план за борба против нелегалната миграција и трговијата со луѓе, со подобрување на правната соработка, граничната контрола и борбата против прекуграничниот криминал (перење пари, трговија со дрога, итн.).

6. Патувања:
Планирано е до крајот на годината да се овозможи патување без виза за училишни групи. Од крајот на август, британските граѓани ќе можат да користат „Е-порти“ за побрз влез во Германија, со што ќе се надминат ограничувањата што произлегуваат од Брегзит и неучеството на Велика Британија во Шенген.

7. Економија и технологија:
Се воспоставува германско-британски економски форум, со фокус на иновации, финансии и висока технологија.

8. Енергија:
Ќе се работи на заеднички енергетски проекти преку Северно Море, вклучително и развој на инфраструктура за водород и јаглероден диоксид (CO₂).

9. Транспорт:
Во рок од десет години, се очекува да сообраќаат директни возови меѓу Германија и Велика Британија преку тунелот под Ламанш. За таа цел ќе се формира работна група што ќе го координира процесот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!