Трагедија на Јадранот: Загина Феликс Баумгартнер, првиот човек кој скокна од вселената
18/07/2025 9:41
Австрискиот авантурист и светски познатиот екстремен спортист, Феликс Баумгартнер, трагично загина денеска на 57-годишна возраст во несреќа со параглајдер на италијанскиот брег на Јадранот.
Несреќата се случила во летувалиштето Порто Сант’Елпидио, каде што Баумгартнер летал со параглајдер. Според италијанскиот весник La Repubblica, тој изгубил контрола над леталото – најверојатно поради ненадејно чувство на слабост или срцев удар – и паднал во хотелски базен. При падот повредил жена која се наоѓала во базенот, но нејзините повреди не се сериозни и таа е во стабилна состојба.
Феликс Баумгартнер влезе во историјата во 2012 година, кога стана првиот човек што скокна од стратосферата – од висина од околу 39 километри. Во спектакуларниот настан организиран од Red Bull, тој за време на слободниот пад го проби звучниот ѕид, достигнувајќи брзина од над 1.350 километри на час.
Светот денес се простува со еден од најголемите авантуристи на нашето време.