Еден работник загина во несреќата на градежен објект во Кисела Вода која се случи утрово
24/04/2026 11:24
Еден работник загина во несреќата на градежен објект во Кисела Вода која се случи утрово, откако при ископ на темели дошло до затрупување со земја на градилиште на улицата „Козјак“ во Скопје.
Во несреќата биле затрупани четворица работници. Еден од нив го загубил животот, додека тројца се спасени и пренесени на лекување.
Тројца работници се пренесени во болница
Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџаноски, изјави дека тројцата повредени се донесени на Ургентниот центар. Едниот е со скршеници, а другите двајца се со полесни повреди.
Според првичните информации, повредените се на возраст меѓу 35 и 45 години.
Итната помош интервенирала со четири возила
Шефот на смена во Итната медицинска помош – Скопје, д-р Драган Панов, изјави дека на терен интервенирале четири амбулантни возила.
Тој посочи дека според првичните информации, загинатиот работник бил на 34-годишна возраст. Сепак, точните околности и идентитетите ќе бидат потврдени по увидот.
МВР: Несреќата била пријавена во 08:17 часот
Од Министерството за внатрешни работи претходно информираа дека утрово во 08:17 часот во СВР Скопје било пријавено оти на градилиште на улицата „Козјак“, при ископ на темели, со земја биле затрупани работници.
На местото веднаш биле испратени полициски екипи, Итна помош, Центарот за управување со кризи и Бригадата за противпожарна заштита.
Затрупани градежни работници во Кисела Вода – спасувачка акција во тек
Се утврдуваат причините за несреќата
Надлежните институции вршат увид и работат на утврдување на причините за несреќата во која еден работник загина во несреќата во Кисела Вода. Случајот повторно го отвори прашањето за безбедноста на градилиштата и условите во кои работат градежните работници.





