Во Гази Баба одбележана годишнината од смртта на Ченто – еден од најголемите синови на македонскиот народ
24/07/2025 11:12
Денес во Гази Баба беше одбележана годишнината од смртта на Методија Андонов – Ченто, еден од најголемите синови на македонскиот народ и симбол на борбата за слобода, државност и национално достоинство.
Пред неговиот споменик во населбата Ченто, свежо цвеќе положија делегација на Општина Гази Баба предводена од градоначалникот Бобан Стефковски, делегација на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, делегација на Советот на Општина Гази Баба, делегација на Сојузот на борците на Македонија, како и голем број почитувачи на неговото дело и лик.
– Како градоначалник, особено сум горд што во нашата општина постои населба што го носи неговото име – населба Ченто. Тоа не е само име на место, туку траен симбол на слободарскиот дух и непокорот на македонскиот народ. Методија Андонов – Ченто беше човек кој живееше за Македонија, неуморно борејќи се за нејзиното право на постоење, јазик, култура и сопствена државност. Како прв претседател на Президиумот на АСНОМ, тој остави длабок печат во македонската историја – како глас на народот и како совест на времето во кое живеел. Иако неправедно осуден и политички прогонет, Ченто никогаш не отстапи од својата љубов кон татковината. Неговата жртва и страдање нè потсетуваат дека слободата не се добива – таа се освојува и чува, порача градоначалникот Стефковски.
– Делото на Ченто, како и на сите борци за слободна и самостојна Македонија, не смееме и нема да го заборавиме. Тоа е наша трајна обврска – кон историјата, кон сегашноста и иднината на нашата држава. Вечна слава на Методија Андонов – Ченто! Нека биде вечна и Македонија, за која тој живееше и страдаше, додаде првиот човек на општина Гази Баба.






