Стефковски: Стапува на сила мораториум на градби во Автокоманда
16/07/2025 12:30
На вчерашната седница на Советот на Општина Гази Баба, на иницијатива на градоначалникот Бобан Стефковски, беше донесена Одлука за начинот на применување на ДУП-овите во просторот на Градска четврт ССИ 09.
Со оваа Одлука:
– Се прекинуваат сите постапки доставени преку системот е-дозволи за подготвителни работи и издавање решенија за градба;
– Одлуката се однесува на територијата опфатена со деталните урбанистички планови во оваа четврт;
– Не се однесува на барања за реконструкција или адаптација;
– Ќе важи во времетраење од една година од денот на нејзиното донесување.
– Во просторот на Градска четврт ССИ 09 – Автокоманда, во изминатиот период беше дозволена изградба на нови објекти и надградба на постојни станбени згради согласно со важечките Детални урбанистички планови. Со ова значително се зголеми бројот на жители, а со тоа и притисокот врз водоводната мрежа, јавниот паркинг и квалитетот на живот во населбата, сподели Стефковски.
– Ова е чекор кон хумана урбанизација и подобар животен стандард за жителите. Последиците од неодговорното урбанистичко работење во минатото ги чувствуваме денес. Затоа мораме да донесуваме храбри и одговорни одлуки – во интерес на граѓаните и одржлив развој на нашата општина, посочи Стефковски.






