(ФОТО)ГРЕТА ТУРНБЕРГ ВО МАКЕДОНИЈА: Турнберг ги посети кампот на протестите за спас на реката Дошница на планината Кожуф
26/07/2025 13:48
Шведската климатска активистка Грета Тунберг, за време на својата посета на Македонија од 24 до 26 јули, оствари низа средби со локални и меѓународни активисти и ја изрази својата поддршка за еколошките и мировните иницијативи во земјата.
Таа најпрво го посети Општествено-културниот центар во Тетово, каде што разговараше со волонтери и млади активисти вклучени во подготовките за нов простор посветен на младински иницијативи и граѓански ангажман.
Посетата на Македонија доаѓа веднаш по нејзиното учество на протест во Тирана, каде што Тунберг упати повик за итен прекин на опсадата на Газа и изрази солидарност со палестинскиот народ, осудувајќи го човечкото страдање.
Поддршка за спас на реката Дошница
Клучниот момент од нејзиниот престој беше најавата дека ќе се приклучи на протестната блокада за спас на реката Дошница на планината Кожуф. Таму, жители и активисти веќе повеќе од еден месец го блокираат патот, барајќи од Владата да ја поништи концесијата за изградба на мала хидроцентрала и да го прогласи текот на реката за заштитено природно подрачје.
Тунберг ја повика јавноста на солидарност, нагласувајќи дека заштитата на животната средина и човековите права се длабоко поврзани цели, и ги охрабри граѓаните да се приклучат на локалните еколошки иницијативи.
Широка поддршка за нејзиното присуство
Во рамки на посетата, Тунберг оствари средби со претставници на различни организации и активистички групи, а нејзиното присуство беше поздравено како значаен поттик за јавната свест и зајакнување на локалните борби за заштита на природата, социјална правда и мир.






