MKinformer

your daily dose of news

Ветувања за млади: од 31 само 4 реализирани

18/06/2026 10:50

Две години подоцна, само четири од 31 ветување за млади исполнети

По две години од мандатот на актуелната Влада, мониторинг рамката КОМПАС констатира алармантна слика – политиките за млади се движат бавно, а голем дел од ветувањата останаа само на хартија. Од вкупно 31 следено ветување, реализирани се само четири, пет се во тек, а дури 22 – немаат ниту минимален видлив напредок.

Оваа анализа е дел од системското следење што го спроведуваат Finance Think, во партнерство со Македонскиот центар за граѓанско образование, Македонското лекарско друштво, Здружение за интерсекторска соработка и Младинскиот образовен форум.

Кои ветувања се во проблем?

На листата на неисполнети ветувања со најголемо влијание врз секојдневието на младите се:

  • скратеното работно време за студенти,

  • М-апликацијата за младински стандард,

  • бесплатниот интернет во образовните институции.

Ниту една од овие мерки нема видлив напредок, иако беа меѓу најгласно промовираните пред две години.

Два успеха, ваучери и купување куќа на село

Сепак, има и светли точки. Во 2025 година, Владата ги исплати ваучерите од 250 евра за електронски уреди за студенти и го операционализира проектот „Купи куќа за млади“, субвенционирање на месечните рати за млади парови кои се преселуваат во рурални средини. Овие две мерки имаат висока симболична тежина и популарност кај младите.

Вработеноста на млади, во пад наместо во раст

Додека поединечни мерки успеваат, структурните предизвици остануваат длабоки. Стапката на вработеност на млади (15–29 години) не само што не расте, туку паднала на 34,6% во првиот квартал од 2026 година, откако во 2025 достигнала 36,1%. Ветувањето за отворање 70.000 нови работни места за млади, според анализата, се движи во спротивна насока од исполнување.

Нема дигитални обуки во 2025 година

Уште позагрижувачки е податокот дека во 2025 година не била реализирана ниту една обука за дигитални вештини, иако во 2024 година биле обучени 735 млади луѓе. Ова значи целосен застој во една од клучните области за иднината на младата работна сила.

Младински центри, колку се отвораат, толку се затвораат

Инфраструктурата за младински политики, исто така, не напредува. Бројот на локални младински центри стагнира на 14, иако Националната стратегија за млади 2023–2027 предвидува 42. Како што истакнуваат од КОМПАС, ситуацијата е дополнително влошена од фактот што иако се отвораат нови центри, подеднакво се затвораат и постоечките.

Каков заклучок?

Анализата КОМПАС покажува дека Владата има значаен успех во симболичните, популистички мерки, но структурните проблеми – вработувањето, дигиталните вештини и инфраструктурата, остануваат нерешени. Прашањето што се наметнува е дали младите во Македонија ќе доживеат вистински системски промени или ќе останат заробени помеѓу ветувања и скромни, изолирани успеси.

error: Содржината е заштитена од копирање !!