Скендер Реџепи – Зејд во трката за градоначалник на Скопје како кандидат на Европскиот фронт
07/08/2025 8:51
Скендер Реџепи – Зејд, актуелен пратеник и лидер на Народното движење, е официјален кандидат за градоначалник на Скопје, објави претседателот на ДУИ, Али Ахмети, преку објава на Фејсбук.
Ахмети информира дека по консултации со сите политички чинители вклучени во Националната алијанса за интеграција, со заедничка одлука бил избран Реџепи како кандидат кој ќе ја претставува оваа коалиција на локалните избори.
Реџепи е дипломиран на Филозофскиот факултет и има долгогодишно искуство во граѓанскиот сектор, каде се има етаблирано како гласен застапник за човековите права и социјални реформи. Во моментов е пратеник во македонското Собрание, каде активно учествува во политичките процеси и ја брани волјата на граѓаните.
Според Ахмети, кандидатурата на Реџепи нуди јасна и реална алтернатива за Скопје – град кој, како што се наведува, заслужува правичен и рамномерен развој.
Националната алијанса е уверена дека Скендер Реџепи ќе биде градоначалник кој ги разбира потребите на граѓаните, ги слуша нивните проблеми и ќе работи во интерес на сите скопјани.
Со оваа одлука, Реџепи се приклучува на листата кандидати за функцијата градоначалник, заедно со Орце Ѓеорѓиевски (ВМРО-ДПМНЕ), Башким Бакиу (ВРЕДИ) и Каја Шукова (СДСМ).






