Ахмети најави дополнителни средби со Мицкоски: Не се отворија сите теми на лидерската средба
14/01/2026 17:15
Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, најави дополнителни тет-а-тет средби со премиерот Христијан Мицкоски, откако на денешната лидерска средба во Клубот на пратениците не било можно да се дискутира за сите планирани прашања.
Ахмети изјави дека ова била прва средба во ваков формат и дека дел од темите останале неразгледани или нецелосно апсолвирани.
„Разговаравме за членството на Македонија во Европската Унија, што е прашање на кое сите мора сериозно да се ангажираме. Премиерот нè информираше за неговите разговори со претставници на меѓународната заедница, а ние сме подготвени да помогнеме земјата да го заземе заслуженото место во ЕУ“, изјави Ахмети.
Тој посочи дека прашањето за изборот на народен правобранител сè уште не е затворено и дека ќе следуваат дополнителни консултации со координаторите на пратеничките групи, со цел да се најде прифатливо решение.
Во однос на Изборниот законик, Ахмети истакна дека било отворено прашањето за воведување една изборна единица.
„Ние не сме против една изборна единица, но таа мора да биде со отворени листи и со минимален изборен праг од 5 проценти. Исто така, треба сериозно да се разгледаат модалитетите за гласање на дијаспората“, рече лидерот на ДУИ.
За можноста за укинување на техничката, односно пржинската влада, Ахмети нагласи дека е неопходна консултација со европските партнери кои учествувале во процесот на нејзино воведување.
На новинарско прашање зошто ДУИ не го поддржува актуелниот предлог за народен правобранител, Ахмети одговори дека немало соодветни консултации, како што налагаат демократските процедури.
Тој додаде дека на идните средби со премиерот Мицкоски ќе се разговара и за измените на Законот за прекршоци во рамки на проектот „Сејф сити“, како и за примената на бадентеровото мнозинство во Уставен суд.
„Ние се согласуваме со ‘Сејф сити’ како проект започнат пред повеќе од една деценија, но треба да се разгледаат и амандманите поднесени во Собранието“, изјави Ахмети.






