Во предизборниот период АВМУ ќе врши мониторинг на медиумското известување
09/08/2025 21:51
По распишувањето на локалните избори, закажани за 19 октомври 2025 година, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) започна мониторинг на радиодифузерите во периодот пред официјалниот старт на изборната кампања, со цел следење на начинот на известување и почитувањето на одредбите од Изборниот законик.
До почетокот на кампањата, АВМУ секојдневно ќе следи девет телевизиски сервиси на државно ниво со најголем просечен досег, додека другите медиуми ќе се мониторираат врз основа на пристигнати претставки.
Агенцијата потсетува дека радиодифузерите мора да ги почитуваат професионалните стандарди и да известуваат објективно и непристрасно, со еднаков третман на различни гледишта. Забрането е поттикнување омраза или нетрпеливост, а известувањето за редовните активности на државните институции не смее да се користи за промоција на политички субјекти.
Јавниот сервис и националните телевизии се обврзани да обезбедат пристапност на изборните содржини и за лицата со сетилна попреченост, при што навремено треба да ја информираат Агенцијата за направените адаптации.
Од моментот на распишување на изборите до почетокот на кампањата е забрането емитување реклами финансирани од државниот буџет, како и платено политичко рекламирање, освен огласи за собирање потписи за поддршка на кандидатури. Исто така, уредници, новинари и водители не смеат истовремено да учествуваат и во медиумските програми и во предизборни активности.
Медиумите што планираат да емитуваат платено политичко рекламирање мора да се регистрираат во Државната изборна комисија најдоцна до 12 август, а ценовниците да ги достават до ДИК, Државниот завод за ревизија, Државната комисија за спречување на корупцијата и АВМУ до 14 август 2025 година.
АВМУ на својата веб-страница објави посебен банер со законски акти, подзаконски прописи, образец за претставки и други материјали поврзани со изборниот процес. Содржините се достапни на македонски, албански и англиски јазик и ќе се ажурираат до завршување на изборите.






