Независни за Карпош со граѓанска листа, немало да прават партија
13/08/2025 19:57
Независни за Карпош одлучија на претстојните локални избори да излезат со граѓанска листа. Остануваме на принципот дека самостојното делување ни овозможува да се прилагодуваме на секојдневните барања и приоритети на граѓаните во нашата општина. Таа флексибилност, која ја сметаме за клучна за нашата ефикасност, е многу потешко остварлива во рамки на поголема група или партија, каде процесот на одлучување е подолг и често ќе бара компромиси на сметка на локалните потреби, се наведува во објавата од Независни за Карпош на Фејсбук.
„Приклучување кон партија отсекогаш била последната опција за учество на избори, и сè додека постојат други можности со кои ќе ја задржиме нашата независност и принципите на граѓанското работење – ќе ги искористиме тие опции. Независни за Карпош се повлекуваат од заедничко формирање политичка партија со другите независни иницијативи. Конфузијата и неизвесноста за независните иницијативи создадени од партиите нема да нè одвратат од нашата визија и посветеност да понудиме решенија за квалитетен живот на граѓаните на општина Карпош. На независните иницијативи што продолжуваат со процесот на заедничко формирање политичка партија Независни заедно и на сите новоформирани партии и независни листи им посакуваме искрен успех и остануваме отворени за соработка со нив и со сите останати граѓански иницијативи и чинители со кои делиме теми од интерес и каузи“, се вели во соопштението.






