(ВИДЕО) Брнабиќ: Србија се соочува со обид за „Шарена револуција“
19/08/2025 12:33
Претседателката на Народното собрание на Србија, Ана Брнабиќ, денеска на прес-конференција изјави дека чувствува обврска да се обрати до јавноста поради, како што рече, „загрижувачките трендови“ што се случуваат во земјата.
Таа посочи дека благодарение на истражувачките медиуми станало јавно достапен документ („нон-пејпер“), подготвен од ад хок тим експерти за безбедност и стабилизација, а потпишан од Душан Јањиќ, кој бил испратен до странски фактори како наводно решение за актуелната криза во Србија.
„По вчерашните настани, апсолутно е јасно дека последните девет месеци претставуваат класичен пример на обид за обоена револуција и насилна промена на власта“, изјави Брнабиќ, нагласувајќи дека целта на тие процеси е создавање длабоки поделби во општеството.
Според неа, првата фаза веќе завршила со ширење омраза и поделби, а втората се одвива преку насилство, вандализам и напади врз партиски и институционални простории. Таа предупреди дека објекти на Српската напредна партија биле запалени додека имало луѓе внатре, при што сериозна трагедија била избегната само поради брзата реакција на безбедносните служби.
Брнабиќ оцени дека станува збор за „терор и насилство“ со цел создавање слика на целосен хаос и дестабилизација, што, како што рече, треба да отвори пат за трета фаза, наметнување на надворешно „решение“ под образложение дека е потребна интервенција на странски фактори. За таа цел како што напомна се користат и медиумите во соседството, за пласирање на лажните вести за „хаосот“.
„Такво сценарио значи целосна окупација на земјата и одземање на суверенитетот“, истакна таа, додавајќи дека останува нејасно кој го назначил тимот што го изработил спорниот нон-пејпер и кој стои зад него.






