Незаборавни брендови од поранешна Југославија: од „Кокта“ до „Југо“
23/08/2025 9:25
Поранешната социјалистичка Југославија остави зад себе препознатливи производи кои имаа посебно место во секое домаќинство, а дел од нив и денес се симбол на едно време.
Еден од најпознатите брендови беше безалкохолниот пијалок „Кокта“, произведен во Словенија од 1953 година како одговор на тогаш недостапната „Кока-кола“. Брзо стана симбол на потрошувачкото општество во регионот.
Друг препознатлив производ е зачинот „Вегета“ од хрватската компанија Подравка, лансиран во 1959 година, кој комбинираше повеќе зачини и седум видови сушен зеленчук и се користеше речиси во секоја кујна.
Популарниот бисквит „Плазма“, произведен од Бамби од Пожаревац во 1967 година, беше омилен меѓу децата и возрасните, додека витаминскиот пијалок „Цедевита“, претставен кон крајот на 1960-тите, брзо стана хит на пазарот.
Во 1970-тите, Фруктал соковите од словенечка Ајдовшчина се сметаа за луксуз и статусен симбол. Истовремено, автомобилот „Фичо“ (Застава 750) од Крагуевац стана прво возило на многу семејства, додека „Југо“ се извезуваше и надвор од границите како симбол на модерна Југославија.
Компанијата Дигитрон од Истра во 1971 го претстави познатиот калкулатор DB-800, по што „дигитрон“ стана општ термин за калкулатор. Рог велосипедите „пони“, произведувани во Љубљана, беа уште еден култен производ.
Од 1970-тите, потрошувачите уживаа и во грицките „Смоки“ на Соко Штарк и чоколадниот бисквит „Домачица“, кои станаа неразделен дел од гастрономската култура.
Овие брендови останаа во колективната меморија на генерациите кои пораснаа во поранешна Југославија, а дел од нив се присутни и денес, како дел од регионалната културна и економска историја.






