25 Мај – Денот на младоста и роденден на Тито: Празник што сеуште буди носталгија кај југословенските народи
25/05/2026 9:33
Денот на младоста некогаш беше еден од најзначајните празници во Социјалистичка Федеративна Република Југославија и се одбележуваше секоја година на 25 мај.
Празникот бил тесно поврзан со роденденот на доживотниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито. Во првите години се славел како негов роденден, а во 1957 година, по негова иницијатива, бил прогласен за Ден на младоста.
Најпрепознатлив симбол на овој ден беше Штафетата на младоста. Таа патувала околу месец и половина низ целата поранешна Југославија, а на 25 мај свечено му била предавана на Тито на големиот слет на Стадионот ЈНА во Белград.
За многумина, овој празник и денес буди силни спомени. Особено старите скопјани со носталгија се сеќаваат на времето кога, како што велат, меѓуетничките и меѓунационалните тензии биле речиси непостоечки.
„Време кога меѓуетничката и меѓунационалната омраза била на нула“, велат граѓани кои се сеќаваат на тогашните прослави и атмосферата што го следела Денот на младоста.
Последната голема приредба по повод Денот на младоста на белградскиот стадион се одржала во 1987 година. Веќе на 26 јануари 1988 година, Сојузот на социјалистичката младина на Југославија одлучил да го укине овој настан, кој со децении беше еден од најпознатите симболи на тогашната држава.
Иако одамна не се одбележува официјално, 25 Мај и денес останува датум што кај многумина буди спомени за едно поинакво време, за младоста, масовните прослави и духот на некогашна Југославија.






