Кина одби да учествува во трилатерални преговори за нуклеарно разоружување со САД и Русија
27/08/2025 18:06
Кина денеска го отфрли барањето на Соединетите Американски Држави да се приклучи на трилатерални преговори за нуклеарно разоружување со Русија, оценувајќи ја иницијативата како „неразумна и нереална“.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, изјави дека нивото на нуклеарно вооружување на Кина не е споредливо со она на САД и Русија, што ги прави ваквите преговори неприфатливи.
„Стратешкото безбедносно опкружување и нуклеарната политика на Кина се целосно различни од оние на САД и Русија,“ нагласи Џиакун, додавајќи дека Пекинг нема да учествува во трка за вооружување со ниту една земја.
Тој порача дека државите со најголеми нуклеарни арсенали имаат обврска да ја преземат одговорноста за глобалното нуклеарно разоружување.
Изјавата доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп, на средбата со јужнокорејскиот претседател Ли Џае Мјунг, откри дека разговарал со рускиот лидер Владимир Путин за контрола на нуклеарното вооружување и изразил желба во процесот да се вклучи и Кина.
Трамп потенцираше дека „денуклеаризацијата е многу важна“ и предупреди дека моќта на нуклеарното оружје станува преголема.
Во овој контекст, минатиот месец малезиските власти најавија дека Кина ќе го потпише Договорот за забрана на нуклеарно оружје во Југоисточна Азија штом документацијата биде подготвена.





