КАКОВ КИКС: Директорката на Националното разузнавање на САД по грешка откри име на таен агент кој работел во Русија
28/08/2025 16:46
Американските медиуми објавија дека директорката на Националното разузнавање, Тулси Габард, ненамерно открила идентитет на таен агент на ЦИА, со што потенцијално извршила кривично дело.
Скандалот избувна откако Габард објави список со 37 сегашни и поранешни разузнавачки службеници на кои им беа одземени безбедносните дозволи. Повеќето од нив или ја истражувале руската вмешаност на изборите во 2016 година, или пак потпишале писмо во 2019 година со кое барале импичмент на Доналд Трамп.
Меѓу именуваните се нашол и долгогодишен специјалист за Русија во ЦИА, кој повеќе од 20 години служел на различни разузнавачки позиции, вклучително и како експерт за Русија и Евроазија во Националниот совет за разузнавање. Според „Волстрит џорнал“, Габард и нејзиниот тим не се консултирале со ЦИА пред јавната објава на списокот.
Поранешниот директор на ЦИА, Лари Фајфер, ја критикуваше постапката, велејќи:
„Паметна директорка на националното разузнавање би се консултирала со ЦИА пред јавно да идентификува таен службеник. Тоа може да ги загрози прикривачките процедури и односите со странски влади.“
Инцидентот доаѓа во контекст на поширока кампања на претседателот Доналд Трамп против оние кои тој ги смета за свои „непријатели“ – од адвокатски фирми до разузнавачки и безбедносни службеници кои учествувале во истрагите за руското мешање.
Во јули, Габард лично му презентирала список на Трамп, кој побарал отпуштање на оние што сè уште работат во службата. Објавувајќи го документот, таа навела дека делувала по негови инструкции.
Овој случај отвора прашања за злоупотреба на институции за политички цели и за можни правни последици поради откривање класифицирани информации.






