MKinformer

your daily dose of news

Две години затвор за „Командант Барути“ по нападот врз градоначалничката Арсовска

02/09/2025 13:30

Скопскиот Кривичен суд денеска изрече двегодишна затворска казна за Сулејман Љамалари, познат како „Командант Барути“, кој беше обвинет за физички и вербален напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Инцидентот се случи на 11 јули годинава во населбата Чаир, каде што Арсовска вршела увид на терен по пријава за дивоградба. Според обвинението, Љамалари пристигнал со електричен тротинет и ја нападнал, при што ѝ нанел телесни повреди и упатил сериозни закани.

„Со пресудата по предметот К.бр.1338/25, судот го огласи обвинетиот за виновен за сторено кривично дело насилство од член 386 од Кривичниот законик и му изрече казна затвор во траење од две години“, соопштија од Основниот кривичен суд.

На Љамалари, кој досега се наоѓаше во куќен притвор, му е преиначена мерката во притвор и е префрлен во затворот во Шуто Оризари. Судот прецизира дека времето поминато во куќен притвор ќе му биде засметано во казната. Притворот ќе трае до правосилноста на пресудата или почетокот на издржувањето на казната, но најмногу 60 дена.

Градоначалничката Арсовска изјави дека истиот човек ѝ упатувал закани и претходно преку социјалните мрежи, кои таа јавно ги објавила и го идентификувала како лицето од инцидентот.

Одбраната на Љамалари пак тврди дека тој не ја нападнал Арсовска, туку напротив – дека таа го удрила и го снимала со својот телефон.

Против денешната пресуда странките имаат право на жалба до Апелациониот суд во рок од осум дена.

error: Содржината е заштитена од копирање !!