MKinformer

your daily dose of news

АРСОВСКА СЕПАК БИЛА УДРЕНА ПО ЛИЦЕТО И РАКАТА, А ПОТОА НАПАЃАЧОТ ЈА КЛОЦАЛ

19/07/2025 8:46

По спроведена целосна истрага, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог против едно лице за кривично дело „Насилство“, согласно член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Настанот се случил на 11 јули на улицата „Севастополска“ во Скопје, каде обвинетиот, со употреба на физичка сила, ја нападнал градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Притоа ѝ нанел телесна повреда и предизвикал чувство на страв и загрозеност кај неа и во јавноста.

Инцидентот се случил додека градоначалничката, заедно со надлежни службени лица, вршела увид на локација по пријава за бесправна градба и незаконски приклучоци на водовод и струја. Обвинетиот пристигнал со електричен тротинет и се доближил до неа на заканувачки начин, по што физички ја нападнал – удирајќи ја прво по лицето и раката, а потоа и со нога во пределот на ногата. По интервенција на полицијата, продолжил со вербални навреди и закани.

Обвинителството побара продолжување на мерката притвор, оценувајќи дека постои ризик обвинетиот да се даде во бегство или да го повтори делото.

Покрај ова лице, првично беше пријавен уште еден осомничен за вербално насилство, но по анализа на доказите, изјавите на сведоците и извршеното препознавање, се утврди дека оштетените не го идентификуваат второпријавениот како сторител. Поради недостиг на докази, обвинителството ја отфрли пријавата против него и побара од судот укинување на претходно определените мерки на претпазливост.

error: Содржината е заштитена од копирање !!