Вучиќ од Пекинг: Србија и Кина се „челични пријатели“ со историски висока трговска размена
04/09/2025 8:23
Српскиот претседател Александар Вучиќ, на средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, истакна дека Србија и Кина се „челични пријатели“ и дека трговската размена меѓу двете земји никогаш не била поголема. Тој ја пофали Иницијативата за глобално управување на Кина, нарекувајќи ја концепт кој Србија секогаш ќе го поддржува.
Вучиќ нагласи дека Кина и претседателот Си биле со Србија во клучни моменти – економски, здравствени и политички – и дека Белград тоа никогаш нема да го заборави. Тој потсети на успешната изградба на делницата од меѓународната пруга Белград–Будимпешта, која ќе биде пуштена во употреба за 15 дена, како и на големите кинески инвестиции во Србија, меѓу кои железарницата во Смедерево и компанијата „Зи Ѓин“.
„Благодарност за сите досегашни инвестиции и молба за уште поголема поддршка во иднина“, порача Вучиќ.
Во обраќањето тој додаде дека Иницијативата на Си за поголема застапеност на глобалниот југ, почитување на меѓународното право и еднаквост во меѓународните односи е „добар концепт за иднината што Србија целосно го поддржува“.
Вучиќ исто така оцени дека воената парада по повод 80 години од поразот на фашизмот во Пекинг оставила „огромен впечаток во светот и во Србија“.
Стратешко партнерство
Пред официјалната средба со Си, Вучиќ разговараше и со висок кинески функционер Џао Леѓи за стратешкото партнерство меѓу Србија и Кина. Според него, дијалогот е насочен кон јакнење на политичката соработка, економијата, инфраструктурните проекти и инвестициите што носат корист за граѓаните.
Вучиќ преку социјалните мрежи порача дека Србија високо ја цени поддршката и почитувањето што Кина секогаш му ги дава на српскиот народ и држава, како и нејзиното доследно залагање за зачувување на меѓународното право и принципот на суверенитет.






