Левица го претстави вториот бран кандидати за градоначалници во Скопје
06/09/2025 9:54
Политичката партија Левица на прес конференција го претстави вториот бран кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. Од партијата велат дека изборот е направен по детални анализи од страна на Президиумот и дека станува збор за професионалци со висок кредибилитет, подготвени да ја преземат одговорноста за водење на скопските општини.
Кандидат за градоначалник на Општина Кисела Вода е проф. д-р Јане Ацевски, поранешен декан на Шумарскиот факултет и актуелен раководител на Катедрата за ботаника и дендрологија.
За Општина Ѓорче Петров ќе се бори адвокатот Александар Димитријевиќ, сопственик на адвокатска канцеларија и координатор на Трудовиот сектор на Левица, познат како борец за социјална правда.
Кандидат за градоначалник на Општина Карпош е Антонио Димитров, директор на Културно-Информативниот Центар во Скопје, кој во изминатиот период ја збогати културната сцена со богата и разновидна програма.
Општина Гази Баба ќе ја претставува инженерот Златко Тренчевски, кој има долгогодишно раководно искуство во металуршкиот сектор и познати компании.
Марјан Димитриев, економист со повеќегодишно искуство во банкарскиот сектор и консултант за претприемништво и бизнис развој, е уште едно од имињата што ги промовираше Левица. Неговиот фокус е насочен кон развој на одржливи економски политики.
Од партијата порачуваат дека со овие кандидати ќе понудат силна и професионална алтернатива за локалната власт во Скопје.






