Израелски министер најави анексија на Западниот Брег како одговор на признавањето на Палестина
21/09/2025 17:18
Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, најави дека на следната владина седница ќе го отвори прашањето за анексирање на Западниот Брег, како реакција на одлуката на Обединетото Кралство, Канада и Австралија да ја признаат државата Палестина, пренесуваат израелските медиуми.
Бен-Гвир изјави дека ваквиот потег на западните сили претставува „награда за Хамас“ и затоа бара итни мерки, меѓу кои и распуштање на Палестинската самоуправа.
Неговиот став беше поддржан од партискиот колега Јицак Васерлауф од „Оцма Јехудит“, кој истакна дека „земјата Израел му припаѓа исклучиво на еврејскиот народ“ и дека не постои палестинска држава.
„Земјата Израел му припаѓа исклучиво на народот на Израел – нема палестински народ и нема палестинска држава“, рече Васерлауф.
Во истата насока се огласија и други министри од владата на Бенјамин Нетанјаху, кои повторија дека признавањето на Палестина ќе биде спречено со конкретни чекори. Порано овој месец, министерот за финансии Безалел Смотрих предложи Израел да анектира околу 82 проценти од Западниот Брег, со цел да не дојде до формирање палестинска држава.
Самият Нетанјаху неодамна, при потпишување договор за продолжување на изградбата на еврејски населби на Западниот Брег, изјави дека „нема да има Палестина“ бидејќи територијата, како што рече, ѝ припаѓа на Израел.
Според последните податоци, досега 147 земји во светот, меѓу кои и Русија, официјално ја признаа Палестина како независна држава.





