МВР со детали за пожарот кај Зелен Пазар во кој зафати две возила и дел од продажен објект
25/09/2025 11:23
Синоќа, нешто по 23 часот, избувна голем пожар во центарот на Скопје, во непосредна близина на Зелен Пазар. Според информациите на Министерството за внатрешни работи, во 23:07 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг простор на булевар „11 Октомври“ целосно изгорело патничко возило марка BMW со скопски регистарски ознаки, сопственост на правно лице.
Огнот се проширил и зафатил уште едно возило – Citroën со скопски регистарски таблички, како и дел од еден продажен објект. Благодарение на брзата интервенција на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, пожарот бил изгаснат и спречено е негово натамошно ширење.
За среќа, повредени лица нема, а материјалната штета е значителна. Извршен е увид и МВР презема мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на причините за избувнувањето на пожарот.
Овој инцидент предизвика вознемиреност кај жителите и трговците во околината на Зелен Пазар, имајќи предвид дека се работи за една од најфреквентните локации во центарот на Скопје.






