Од денес важат новите казни: 40 евра ако преминувате пешачки со телефон на уво, 50 евра ако користите мобилен додека возите тротитенет
25/09/2025 8:35
Од денес, пешаците и возачите на мали превозни средства како тротинети и мотори се соочуваат со строги казни за користење мобилни телефони и други електронски уреди при движење. Доколку пешак преминува коловоз или велосипедска патека со телефон во рака или на уво, глобата изнесува 40 евра. За возачи на тротинети, мотори или трактори, користење на електронски уред при управување се санкционира со казна од 50 евра.
Законот налага пешаците да се движат внимателно и без одвлекување на вниманието, со цел да се намали бројот на сообраќајни несреќи. Дополнително, од почетокот на наредната година се најавуваат уште построги мерки за возачите на автомобили – за минување на црвено светло и непрописно паркирање, а контрола ќе се врши преку системот на камери во рамки на проектот „Сејф сити“.
Овие регулативи ја ставаат Македонија во редот на европските земји со најригорозни правила за пешаците и корисниците на тротинети. Во Франција, на пример, глобата за возење тротинет на тротоар изнесува 135 евра. Во Литванија, пешак со телефон на пешачки премин може да плати до 40 евра, а во Данска ваквите прекршоци се казнуваат со 140 евра.
Со ова, Македонија се позиционира како земја што активно ги зајакнува правилата за безбедност во сообраќајот, со цел да се намалат ризиците и да се подигне свеста кај граѓаните за одговорно однесување на улиците.





