MKinformer

your daily dose of news

Автопатот Скопје – Блаце: 12 километри што државата не може да ги заврши веќе една деценија

26/09/2025 10:17

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски повторно најавува „почеток“ на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, овој пат за следната година. Иако рокот за доставување понуди завршува на 30 септември, а заедно со ЕБРД ќе се врши избор на изведувач, јавноста со право се сомнева дека станува збор за уште едно во низата ветувања без реална основа.

Самиот министер најавува дека изведувачот би можел да биде воведен во работа најрано кон крајот на ноември или почетокот на јануари, зависно од временските услови. Но, граѓаните одамна слушаат слични објаснувања, додека на терен резултатите се мизерни.

Иронијата е што станува збор за автопат долг само 12 километри, кој беше тргнат во изградба уште пред пет години и важеше за еден од приоритетите на претходната влада. Тогашниот координатор Артан Груби уверуваше дека проектот ќе биде завршен до крајот на мандатот. Наместо тоа, од вкупната проценета инвестиција од речиси 250 милиони евра, изградени се едвај 2 километра.

Проектот, инаку, беше најавен уште во 2014 година како клучна точка во инфраструктурниот развој на државата. Денес, повеќе од една деценија подоцна, Министерството за транспорт и врски наместо резултати нуди само нови рокови и изговори.

Очигледно е дека неспособноста, недоволната транспарентност и хроничното доцнење во работата на институциите претвораат еден мини-автопат во македонски мегапроект со бескрајни рокови.

error: Содржината е заштитена од копирање !!