Убиството на Росица откри системски пропусти – МВР поднесе предлог за дисциплинска постапка
26/09/2025 13:11
Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди извршил детални проверки на постапувањето на полициските службеници од СВР Велес, по пријавите на жртвата Росица Коцева.
Според наодите, во најголемиот дел од случаите полицијата постапила согласно законските процедури, а против пријавениот била поднесена кривична пријава што завршила со условна пресуда. Сепак, контролата утврди дека во дел од претходните пријави на жртвата постапувањето не било целосно во согласност со законските обврски и процедури.
Врз основа на извршените проверки, поднесен е предлог за поведување дисциплинска постапка против 11 вработени во СВР Велес, а Јавното обвинителство е писмено известено за понатамошно постапување во рамки на нивната надлежност.
Министерството потенцира дека останува посветено на транспарентност, професионалност и отчетност, и дека ќе продолжи со унапредување на процедурите и отстранување на системските недостатоци за поголема ефикасност на полицијата во заштитата на граѓаните.






