Трубарево: Дводневен скрининг откри симптоми на хронични болести кај локалното население
26/09/2025 12:45
Министерството за здравство, во соработка со Клиниката за пулмологија, спроведе дводневен скрининг во населбата Трубарево, со цел навремено откривање на симптоми на респираторни заболувања по големиот пожар што ја потресе оваа скопска населба.
Во текот на акцијата, беа прегледани над 200 жители, а дел од нив покажале симптоми како отежнато дишење, сува кашлица и стегање во градите. Некои пациенти, кои веќе имале хронични заболувања, биле упатени на дополнителни прегледи и ревизија на терапијата.
Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека акцијата беше одлично прифатена од локалното население и дека во следниот период ќе продолжат да ја следат состојбата во соработка со сите надлежни институции.
Лекарите апелираат на жителите, особено на оние со хронични заболувања, да се јават на лекар при појава на симптоми и да ги следат препораките за превенција и контрола на болестите.
Министерството за здравство исто така ги повика сите службени лица кои учествувале во гаснењето на пожарот, како пожарникари, полицајци и припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, доколку имаат здравствени проблеми, да се обратат на Клиниката за пулмологија за соодветна грижа и поддршка.






