Мост кон Бардовци и спортски комплекс – визијата на Јакимовски за Карпош и Скопје
29/09/2025 18:48
Градоначалникот на Општина Карпош и кандидат за уште еден мандат, Стевче Јакимовски, упати силна порака до граѓаните, потенцирајќи дека решавањето на клучните инфраструктурни проблеми мора да стане приоритет за цело Скопје.
Тој нагласи дека мостот кон Злокуќани и Бардовци е веќе три години заглавен поради бирократија и неодговорност на институциите, иако одамна можеше да биде завршен и да го растоварува сообраќајот на кружниот тек „8 Септември“ и булеварот „Илинден“.
„Овој мост е неопходен за жителите на Бардовци и Злокуќани, но и за сите скопјани кои секојдневно се соочуваат со метеж. Со Александар Трајановски, идниот градоначалник на Скопје, ќе го завршиме и ќе го пуштиме во употреба“, истакна Јакимовски.
Покрај мостот, тој најави и изградба на спортско-рекреативен комплекс со современи терени за фудбал, кошарка, одбојка и детско игралиште.
„Карпош одамна покажа дека знае да гради. Сега е време и Скопје да покаже разум и да почне да работи во интерес на граѓаните – а не да држи во заложништво готови проекти. Мостови, спортски терени, зеленило, тоа е иднината што ја градиме заедно“, порача Јакимовски.
Со ваквите проекти, нагласи тој, граѓаните ќе добијат подобар квалитет на живот, а Карпош и Скопје ќе добијат нови современи содржини што ќе ги приближат европските стандарди во урбаното живеење.






