Првиот снег пристигнува во Македонија – еве кога и каде ќе паѓа
29/09/2025 11:59
Оваа недела Македонија ќе го дочека првиот снег од сезоната. По неколку дена стабилно време со умерена облачност и сончеви интервали, од среда попладне метеоролозите најавуваат влажен бран кој ќе донесе поинтензивни врнежи. Во четврток и петок на повеќе места се очекуваат поројни дождови кои локално можат да надминат 30 литри на метар квадратен.
Со навлегување на постуден воздух од север и засилен северен ветер, на планинските предели врнежите ќе преминат во снег, што ќе значи и први снежни врнежи за оваа сезона. Најголеми шанси за формирање снежна покривка има на високите планински масиви, додека во низините ќе преовладува дожд. Викендот ќе донесе стабилизација на времето и постепен пораст на температурите, но утрините ќе останат студени, а возачите и планинарите се предупредуваат да бидат внимателни поради можни лизгави патишта и зимски услови на повисоките места.





