MKinformer

your daily dose of news

Протест на вработените во „Паркови и зеленило“: Блокиран мостот „Гоце Делчев“ поради неплатени плати и прекинато здравствено осигурување

01/10/2025 13:30

Вработените во Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ на Град Скопје, како и во фирмите „Флораком“ и „Луна“, денеска организираа протест пред Собранието на Град Скопје. Тие го блокираа мостот „Гоце Делчев“ во центарот на градот, барајќи исплата на платата за месец август, како и на заостанатите регреси, јубилејни и новогодишни награди. Протестот беше организиран поради непостапувањето на раководството на претпријатието, кое не одговарало на барањата на синдикатот за средба.

Претседателот на Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиството и заштитните друштва – СУТКОЗ, Стојанче Кашиковски, изјави дека вработените не само што не ја добиле платата за август, туку од денеска се и без здравствено осигурување. Тој нагласи дека ова ги загрозува здравствените права на вработените, особено на оние со сериозни здравствени проблеми.

Синдикатот побарал средба со раководството на претпријатието, но нивните барања останале без одговор. Вработените најавуваат дека доколку нивните барања не бидат исполнети, ќе продолжат со протестите и ќе преземат радикални мерки.

error: Содржината е заштитена од копирање !!