Мециновиќ: Борбата на Левица е борба на Давид против Голијат
11/10/2025 11:28
Со енергичен и инспиративен говор, кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, го отвори изборниот штаб на партијата во Центар. Без подготвен говор, но со искреност и мотивација, Мециновиќ се обрати пред присутните членови и симпатизери, зборувајќи за текот на кампањата, за предизвиците и за посветеноста со која Левица настапува на овие избори.
„Сега, кога сме во средиштето на кампањата, темпото е прилагодено и супер ни оди“, истакна Мециновиќ, додавајќи дека за разлика од претходните избори, оваа година партијата знае точно каде ја насочува својата енергија и не се троши на неефективни методи.
Тој подвлече дека сè што Левица постигнува е резултат на сопствено искуство, создадено преку директен контакт со народот, а не преку консултантски фирми или политички анализи. „Ние го опипуваме пулсот на народот сами“, рече Мециновиќ.
Во својот говор, тој ја спореди борбата на Левица со легендарната битка на Давид против Голијат, нагласувајќи дека големите партии можат да располагаат со ресурси и институции, но немаат нешто што Левица го има умот, креативноста и вистинската желба за промена.
„Ова е најголемата политичка борба во последните триесет години. Во оваа кампања стана јасно дека тие немаат наша креативност, ниту наш дух. Многу е убаво чувството, затоа што го даваме максимумот и тоа се гледа“, изјави тој.
Мециновиќ сподели и впечатоци од терен, посочувајќи дека граѓаните се сè поотворени кон Левица, а тоа е, според него, доказ дека нивното парламентарно делување дава резултати. „Денес сме потенцијален фаворит пред СДСМ за влез во втор круг во Град Скопје“, рече тој, уверувајќи дека Левица ќе биде меѓу народот секој ден и на терен ќе ја гради својата поддршка.
На крајот, Мециновиќ порача дека политиката мора да произлегува од секојдневниот живот на луѓето. „Политиката е за мајките со колички што не можат да поминат од паркирани коли, за средношколците што каснат на часови, за работниците што се борат со две работи. Затоа, мора да зборуваме за човекот – за секојдневниот скопјанец, за секојдневниот Македонец“, заврши Мециновиќ.






