УЈП и Стопанската комора со заеднички чекори кон воведување на системот за е-фактурирање
12/10/2025 11:20
Делегација на Управата за јавни приходи, предводена од директорката Елена Петрова, оствари средба со претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, и претставници на бизнис-заедницата.
На состанокот беа презентирани активностите и динамиката за воведување на новиот систем за е-фактурирање – една од клучните реформи во насока на дигитализација и модернизација на даночниот систем во земјата.
Двете институции се согласија за интензивна и координирана соработка, со цел компаниите навремено да се информираат и подготват за практична примена на новиот систем.
Како што беше истакнато, проектот ќе има значајно влијание врз стопанството, преку подобрување на деловната транспарентност, намалување на административните трошоци и поефикасна борба против сивата економија.
УЈП повторно ја потврди својата заложба за градење партнерски однос со даночните обврзници, кои се сметаат за рамноправни чинители на даночниот систем и важен двигател на економскиот развој.





